УМЕТНОСТ НА ЖИВЕЕЊЕТО

Следниов текст е срочен врз основа на јавен говор што г-н Гоенка го одржал во Берн, Швајцарија, во 1980 г.

Секој е во потрага по мир и хармонија, бидејќи тоа е она што ни недостасува во нашите животи. Одвреме навреме, сите искусуваме вознемиреност, раздразнетост, дисхармонија. А кога страдаме од овие јадови, нив не ги задржуваме за себе; честопати ги пренесуваме и на другите. Несреќата ја исполнува атмосферата околу оној што страда, па и тие што доаѓаат во контакт со такво лице стануваат засегнати. Се разбира дека ова не е умешен начин на живеење. 

Треба да живееме во мир со себеси и во мир со другите. Човечките битија се, секако, социјални битија, кои мора да живеат во општество и да се справуваат едни со други. Но, како можеме да живееме во мир? Како да останеме хармонични внатре и да ги одржиме мирот и хармонијата околу нас, така што и другите да можат да живеат мирно и хармонично? 

За да се ослободиме од нашиот јад, мора да ја знаеме основната причина за него, причината за страдањето. Ако го истражиме проблемот, станува јасно дека секогаш кога ќе почнеме да создаваме некаква негативност или нечистотија во умот, неизбежно стануваме несреќни. Една негативност во умот, една умствена валканост или нечистотија, не може да опстојува заедно со мирот и хармонијата.  

Како почнуваме да создаваме негативност? Повторно, ако истражиме, ќе стане јасно. Стануваме несреќни кога гледаме дека некој се однесува на начин што не ни се допаѓа или кога се случува нешто што не ни се допаѓа. Се случуваат непосакувани нешта и ние создаваме внатрешна напнатост. Посакувани нешта не се случуваат, се појавува некоја пречка – и повторно создаваме напнатост внатре; почнуваме да врзуваме јазли одвнатре. А во текот на целиот живот постојано се случуваат непосакувани нешта, посакуваните нешта може да се случат или да не се случат, и овој процес на реакција, на врзување јазли – Гордиеви јазли – ја прави целокупната умствена и физичка структура толку напната, толку полна со негативност, што животот станува јаден. 

Еден начин да се реши овој проблем е да ги уредиме нештата така што ништо непосакувано нема да ни се случува во животот, а сè ќе се случува токму онака како што посакуваме. Или ние самите мора да ја развиеме таа моќ или некој друг што би ни дошол напомош мора да ја има таа моќ, да се погрижи да не се случуваат непосакувани нешта, а да се случува сето тоа што ние го сакаме. Но, тоа е невозможно. Не постои ниту еден човек на светот чиишто желби секогаш се исполнуваат, во чијшто живот сè се случува според неговите или нејзините желби, без да се случи ништо непосакувано. Постојано се појавуваат нешта што се спротивни на нашите копнежи и желби. Оттука, се поставува прашањето: како можеме да престанеме да реагираме слепо кога сме соочени со нешта што не ни се допаѓаат? Како можеме да престанеме да создаваме напнатост и да останеме мирни и хармонични?

Во Индија, како и во други земји, мудрите свети личности од минатото го проучувале овој проблем – проблемот на човековото страдање – и пронашле решение: доколку се случи нешто непосакувано и почнете да реагирате создавајќи гнев, страв или каква и да е негативност, тогаш, што е можно побргу, треба да го пренасочите своето внимание на нешто друго. На пример, станете, земете чаша вода, почнете да пиете – вашиот гнев нема да се умножи; напротив, ќе почне да се повлекува. Или почнете да броите: еден, два, три, четири. Или почнете да повторувате збор или фраза или некоја мантра, можеби името на некој бог или света личност кон којашто чувствувате преданост; умот ќе биде пренасочен и до некој степен ќе бидете ослободени од негативноста, ослободени од гневот. 

Ова решение било од помош; функционирало. Сè уште функционира. Со ваков пристап, умот ќе се почувствува слободен од вознемиреност. Сепак, ова решение функционира само на свесното ниво. Всушност, пренасочувајќи го вниманието ја туркате негативноста длабоко во несвесното и таму продолжувате да ја создавате и умножувате истата валканост. На површината има слој од мир и хармонија, но во длабочините на умот тлее заспан вулкан од потисната негативност, кој порано или подоцна може да избувне со насилна експлозија. 

Други трагачи по внатрешната вистина отишле уште подалеку со својата потрага и, искусувајќи ја стварноста на умот и материјата внатре во себеси, препознале дека пренасочувањето на вниманието е само бегање од проблемот. Бегството не е решение; мора да се соочите со проблемот. Секогаш кога во умот се појавува негативност, само набљудувајте ја, соочете се со неа. Веднаш штом ќе почнете да набљудувате една умствена нечистотија, таа почнува да ја губи својата силина и полека овенува. 

Ова е добро решение; ги избегнува двете крајности – потиснувањето и изразувањето. Закопувањето на негативноста во несвесното нема да ја искорени, а допуштањето таа да се пројави во облик на неблаготворни физички или говорни дејства ќе создаде само повеќе проблеми. Но, ако само набљудувате, тогаш валканоста си заминува и вие сте слободни од неа. 

Ова звучи прекрасно, но дали е навистина изводливо? Не е лесно човек да се соочи со своите нечистотии. Кога ќе се појави гнев, толку бргу нè совладува што не ни забележуваме. Потоа, надвладеани од гневот, вршиме физички или говорни дејства што ни штетат и нам и на другите. Подоцна, кога гневот ќе помине, почнуваме да плачеме и да се каеме, барајќи прошка од оваа или онаа личност или од Господ: „Оф, згрешив, те молам прости ми!“ Но следниот пат кога сме во слична ситуација, повторно реагираме на истиoт начин. Ова постојано каење воопшто не е од помош. 

Тешкотијата е во тоа што не сме свесни кога почнува негативноста. Таа настанува длабоко во несвесниот ум и додека стигне до свесното рамниште, веќе стекнала толку голема силина, што нè совладува и не можеме да ја набљудуваме.  

Да претпоставиме дека ќе вработам приватен секретар којшто секогаш кога ќе се појави гнев во мене, ќе ми каже, „Види, почнува гнев!“ Бидејќи не знам кога ќе започне овој гнев, ќе треба да најмам тројца приватни секретари за три смени во текот на 24 часа! Да речеме дека можам да си го дозволам тоа, и гневот почнува да се појавува. Секретарот веднаш ми вели, „Еј види – гневот почна!“ Првата работа што ќе ја направам е да го укорам: „Будала еден! Мислиш дека те плаќам да ми држиш лекции?“ Толку сум надвладеан од гневот што добриот совет нема да помогне. 

Да претпоставиме дека мудроста ќе преовладее и нема да го карам. Наместо тоа, ќе му речам „Ти благодарам многу. Сега треба да седнам и да го набљудувам својот гнев.“ Сепак, возможно ли е тоа? Само што ќе ги склопам очите и ќе се обидам да го набљудувам гневот, на ум веднаш ми доаѓа предметот на гнев – личноста или случката што го поттикнала тој гнев. Во тој миг, не го набљудувам самиот гнев; го набљудувам само надворешниот поттикнувач на таа емоција. Ова ќе послужи единствено да се умножи гневот, па затоа не е решение. Многу е тешко да се набљудува која било апстрактна негативност, апстрактна емоција, одвоена од надворешниот објект којшто првично го предизвикал нејзиното појавување. 

Сепак, некој што ја достигнал крајната вистина пронашол вистинско решение. Тој открил дека секогаш кога некоја нечистотија се појавува во умот, на физичкото рамниште почнуваат истовремено да се случуваат две работи. Едната е тоа што дишењето го губи својот нормален ритам – почнуваме да дишеме потешко секогаш кога негативноста ќе се појави во умот. Ова е лесно да се набљудува. На посуптилно рамниште, во телото започнува биохемиска реакција, која резултира со некоја сензација. Секоја нечистотија ќе создаде ваква или инаква сензација во телото. 

Ова претставува практично решение. Обичниот човек не може да набљудува некаква апстрактна валканост на умот – апстрактен страв, гнев или страст. Но, со соодветна обука и пракса мошне е лесно да се набљудуваат дишењето и сензациите во телото, кои обете се директно поврзани со менталната валканост. 

Дишењето и сензациите ќе помогнат на два начина. Прво, тие ќе бидат како приватни секретари. Штом ќе се појави негативност во умот, дишењето го губи својот нормален тек; ќе почне да вика, „Види, нешто не е во ред!“ А дишењето не можеме да го прекоруваме; мораме да го прифатиме предупредувањето. На сличен начин, и сензациите ќе ни кажат дека нешто не е во ред. Потоа, откако сме биле предупредени, може да почнеме да го набљудуваме дишењето, да почнеме да ги набљудуваме сензациите, и мошне бргу согледуваме дека негативноста поминува. 

Овој ментално-физички феномен е како паричка со две страни. На едната страна се мислите и емоциите што се појавуваат во умот, на другата страна се дишењето и сензациите во телото. Сите мисли или емоции, сите ментални нечистотии што настануваат се пројавуваат преку дишењето и преку сензациите од тој миг. Така, набљудувајќи го дишењето или сензациите, всушност ги набљудуваме менталните нечистотии. Наместо да бегаме од проблемот, се соочуваме со стварноста каква што е. Како резултат на тоа, откриваме дека овие нечистотии ја губат својата силина; веќе не нè надвладуваат како што го правеа тоа претходно. Доколку опстоиме, тие најпосле исчезнуваат целосно и почнуваме да живееме мирен и среќен живот, живот којшто е сè послободен од негативности. 

На овој начин, техниката на самонабљудување ни ја покажува стварноста во нејзините два аспекта – внатрешниот и надворешниот. Претходно сме гледале само нанадвор, испуштајќи ја внатрешната вистина. Секогаш сме ја барале причината за нашата несреќа надвор; секогаш сме ја обвинувале и сме се обидувале да ја смениме стварноста надвор. Останувајќи во незнаење за внатрешната стварност, никогаш не сме разбрале дека причината за страдањето лежи внатре, во нашите сопствени слепи реакции кон пријатните и непријатните сензации.  

Сега, со вежбање, можеме да ја видиме другата страна на паричката. Можеме да бидеме свесни за своето дишење, а исто така и за она што се случува внатре. Учиме само да ги набљудуваме здивот или сензациите, без да ја губиме нашата умствена рамнотежа. Престануваме да реагираме и да го умножуваме нашиот јад. Наместо тоа, дозволуваме валканоста да се пројави и да помине. 

Колку повеќе ја практикуваме техниката, толку побргу негативностите ќе се раствораат. Постепено умот станува слободен од валканост, станува чист. Чистиот ум секогаш е полн со љубов – несебична љубов за сите други, полн со сочувство за неуспесите и страдањата на другите, полн со радост за нивниот успех и среќа, полн со мирнодушност во однос на која било ситуација. 

Кога некој го достигнува ова рамниште, целокупниот образец на неговиот живот се менува. Веќе не е возможно со збор или дело да се направи нешто што ќе ги наруши мирот и среќата на другите. Наместо тоа, не само што урамнотежениот ум станува мирен, туку и околната атмосфера исто така бидува проткаена со мир и хармонија. Тоа, пак, ќе почне да влијае и врз другите и да им помага и ним. 

Учејќи да останеме урамнотежени наспроти сè што искусуваме внатре, развиваме одвоеност и во однос на сè на што наидуваме во надворешните ситуации. Сепак, оваа одвоеност не е бегство или рамнодушност кон проблемите на светот. Оние што редовно практикуваат випассана стануваат почувствителни за страдањата на другите и даваат сè од себе да го олеснат страдањето на кој било начин што е во нивна моќ – не со вознемиреност, туку со ум полн љубов, сочувство и мирнодушност. Тие ја учат светата рамнодушност – како да се биде целосно посветен, целосно вклучен во помагање на другите, а притоа да се одржи рамнотежата на умот. На овој начин, тие остануваат мирни и среќни, додека делуваат за мирот и среќата на другите. 

Ова е тоа што подучуваше Буда: уметност на живеењето. Тој никогаш не основал ниту подучувал некаква религија, некаков „изам“. Никогаш не ги упатувал оние што дошле кај него да практикуваат некакви обреди или ритуали, некакви празни формалности. Наместо тоа, ги подучувал само да ја набљудуваат природата каква што е, преку набљудување на стварноста внатре. Од незнаење продолжуваме да реагираме на начини што ни штетат нам и на другите. Но, кога ќе се појави мудроста – мудроста на набљудувањето на стварноста каква што е – оваа навика на реагирање исчезнува. Кога ќе престанеме да реагираме слепо, тогаш сме способни за вистинско дејствување – дејствување што извира од урамнотежен ум, ум што ја согледува и разбира вистината. Таквото дејствување може да биде само позитивно, креативно, полезно за самите нас и за другите. 

Така што, неопходно е „да се спознаеш себеси“ – совет што би го дала секоја мудра личност. Треба да се познаваме себеси, не само преку интелектот на ниво на идеи и теории и не само преку емоциите или преку верување, едноставно прифаќајќи го слепо она што сме го чуле или прочитале. Таквото знаење не е доволно. Поскоро, мора да ја спознаеме стварноста искуствено. Мора да ја искусиме непосредно стварноста на овој ментално-физички феномен. Единствено тоа ќе ни помогне да бидеме слободни од нашето страдање. 

Ова непосредно искуство на нашата внатрешна стварност, оваа техника на самонабљудување, е она што се нарекува випассана медитација. На јазикот на Индија од времето на Буда, passanā значело гледање во обична смисла, со отворени очи; vipassanā, пак, е набљудување на нештата онакви какви што се навистина, а не какви што се чини дека се. Мора да продреме низ појавната вистина сè додека не стигнеме до крајната вистина за целата психофизичка структура. Кога ќе ја искусиме оваа вистина, тогаш учиме да престанеме да реагираме слепо, да престанеме да создаваме негативности – и природно, старите негативности постепено бидуваат искоренети. Се ослободуваме од јадот и искусуваме вистинска среќа.

Обуката што се предава на курс по медитација се состои од три чекори. Прво, лицето мора да се воздржи од секакво дејство, физичко или говорно, што ги нарушува мирот и хармонијата на другите. Човек не може да работи врз своето ослободување од нечистотиите на умот додека во исто време продолжува да прави дејства со телото и со говорот коишто само ги умножуваат. Затоа, кодексот на морално однесување е суштинскиот прв чекор од праксата. Практикантот се заложува да не убива, да не краде, да нема непристојно сексуално поведение, да не кажува лаги и да не користи опојни средства. Воздржувајќи се од вакви дејства, медитантот дозволува неговиот ум да стивне во доволна мера за да може да продолжи понатаму. 

Следниот чекор е да се развие извесно владеење над овој див ум на тој начин што ќе го тренираме да остане закотвен на еден објект, здивот. Медитантот се обидува да го задржи своето внимание на дишењето колку што е можно подолго. Ова не е вежба за дишење; практикантот не го регулира дишењето. Напротив, го набљудува природното дишење какво што е, како влегува здивот, како излегува. На овој начин медитантот уште повеќе го смирува умот, така што тој веќе не е надвладеан од силни негативности. Во исто време, го сосредоточува умот, правејќи го остар и продорен, способен за работата на спознанието.

Овие први два чекори, живеењето морален живот и контролата на умот, се неопходни и благотворни самите по себе, но тие ќе доведат до потиснување на негативностите, доколку медитантот не го направи и третиот чекор: прочистување на умот од валканост преку развивање увид во сопствената природа. Тоа е випассана: искусување на својата сопствена стварност преку систематско и бестрасно набљудување – внатре во себеси – на постојано променливиот феномен ум-материја како се манифестира во облик на сензации. Ова е врвот на учењето на Буда: самопрочистување преку самонабљудување. 

Ова може да го практикува секој. Секој се соочува со проблемот на страдањето. Тоа е универзална болест којашто бара универзален лек, а не сектантски лек. Кога некој страда поради гнев, тоа не е будистички гнев или хиндуистички гнев или христијански гнев. Гневот е гнев. Кога некој ќе се вознемири како последица на тој гнев, таа вознемиреност не е христијанска или еврејска или муслиманска. Болеста е универзална. Лекот, исто така, мора да биде универзален. 

Випассана е таков лек. Никој не би имал нешто против кодекс на однесување што ги почитува мирот и хармонијата на другите. Никој не би имал против развивање контрола над умот. Никој не би имал против развивање увид во сопствената природа, преку којшто е можно да се ослободи умот од негативности. Випассана е универзален пат. 

Набљудување на стварноста каква што е преку набљудување на вистината внатре – тоа значи познавање на самиот себеси непосредно и искуствено. Со текот на праксата, медитантот продолжува да се ослободува себеси од јадот на менталните нечистотии. Од грубата, надворешна, појавна вистина, човекот продира до крајната вистина за умот и материјата. Потоа, ја надминува неа и искусува вистина којашто е отаде умот и материјата, отаде времето и просторот, отаде условеното поле на релативноста: вистината на целосното ослободување од сета валканост, сите нечистотии, сето страдање. Какво име ќе и даде човек на оваа крајна вистина е безначајно; таа е конечната цел на секого.

Сите да ја искусите оваа крајна вистина. Сите луѓе да бидат слободни од јад. Да уживаат вистински мир, вистинска хармонија, вистинска среќа. 

Сите битија нека бидат среќни