КОДЕКС НА ДИСЦИПЛИНА

Увод во техниката

Випассана е една од најдревните техники на медитација од Индија. Одамна изгубена за човештвото, таа повторно била откриена од Готама Буда пред повеќе од 2500 години. Випассана (Vipassanā) значи согледување на нештата какви што тие навистина се. Таа е процес на самопрочистување преку самонабљудување. Се почнува со набљудување на природното дишење за да се сосредоточи умот. Со изострена свесност човекот продолжува кон набљудување на менливата природа на телото и умот, и ги искусува универзалните вистини на непостојаноста, страдањето и отсуството на ‘јас’. Ова осознавање на вистината преку непосредно искуство е процесот на прочистување. Целиот пат (Dhamma) е универзален лек за универзални проблеми, и не е поврзан со ниедна организирана религија или секта. Поради ова, може слободно да се практикува од секого, во кое било време и на кое било место, без да предизвикува конфликт поради припадноста на одредена раса, заедница или религија, и ќе биде еднакво полезен за секого.

Што випассана не е:

  • не е обред или ритуал заснован на слепа верба
  • не е ниту интелектуална, ниту философска разонода
  • не е лекување преку релаксирање, одмор или можност за социјализирање
  • не е бегство од искушенијата и маките на секојдневниот живот

Што випассана е:

  • таа е техника што ќе го искорени страдањето
  • таа е метод на ментално прочистување што овозможува да се соочиме со напнатостите и проблемите на животот на сталожен, урамнотежен начин.
  • таа е уметност на живеењето со која може да се направи позитивен придонес во општеството.

Випассана медитацијата се стреми кон највисоките духовни цели на целоснo ослободување и потполно просветлување; нејзината намена никогаш не е едноставно да ги излекува физичките болести. Сепак, како спореден производ на менталното прочистување, многу психосоматски заболувања ќе бидат искоренети. Всушност, випассана ги отстранува трите причини за сета несреќа: копнежот, одбивноста и незнаењето. Со подолготрајно практикување, медитацијата ги ослободува тензиите што се создаваат во секојдневниот живот, разврзувајќи ги јазлите врзани од старата навика на реагирање кон пријатните и непријатните ситуации на неурамнотежен начин.

Иако випассана била развиена како техника од Буда, нејзиното практикување не е ограничено на будистите. Не станува апсолутно никаков збор за конвертирање. Сите човечки суштества ги делат истите фундаментални проблеми, така што техниката што може да ги искорени овие проблеми ќе има универзална примена. Луѓе од многу религиски деноминации ги искусиле благодетите од випассана медитацијата и не нашле судир со својата професија или вера.

Медитацијата и самодисциплината

Процесот на себепрочистување преку интроспекција секако не е никогаш лесен – учениците мора да работат на него многу напорно. Со сопствени напори учениците ги достигнуваат своите осознавања; никој друг не може да го направи тоа за нив. Затоа, медитацијата ќе им одговара само на оние што имаат желба да работат сериозно и да ја одржат дисциплината, која постои во полза на медитантите и заради нивна заштита и е неразделен дел од праксата на медитација.

Десет дена се бездруго многу кратко време за да се продре до најдлабоките слоеви на несвесниот ум и да се научи како да се искоренат комплексите скриени таму. Тајната на успехот на оваа техника е во продолжената пракса со осамување. Правилата и прописите се развиени имајќи го на ум овој практичен аспект. Тие не се создадени првенствено за полза на учителот или на организаторите на курсот, ниту пак се негативни изрази на традицијата, ортодоксност или слепа вера во некоја организирана религија. Поскоро, тие се засновани на практичното искуство на илјадници медитанти низ годините и се истовремено и научни и рационални. Придржувањето до правилата создава поддржувачка атмосфера за медитација; нивното прекршување ја нарушува атмосферата за медитација.

Учениците ќе треба да останат во текот на целиот период на курсот. Останатите правила треба исто така внимателно да се прочитаат и да се имаат предвид. Само оние што чувствуваат дека можат чесно и совесно да ja следат дисциплината треба да се пријават за курсот. Тие што не се подготвени да направат одлучен напор ќе си го изгубат своето време и, згора на тоа, ќе ги вознемират останатите коишто сакаат да работат сериозно. Идниот ученик треба да знае и дека би било неповолно и непрепорачливо да си замине пред да го заврши курсот, поради тоа што дисциплината ја доживеал како премногу тешка. Исто така, би било особена штета доколку ученикот не ги следи правилата и покрај повторените потсетувања, па мора да биде замолен да си замине.

Сериозни ментални нарушувања

Луѓе со сериозни ментални нарушувања повремено доаѓале на курсевите за випассана со нереалистично очекување дека техниката ќе ги излекува или олесни нивните ментални проблеми. Постоењето на нестабилни меѓучовечки односи и историја на користење различни терапии може дополнително да отежнат тие луѓе да имаат корист од десетдневниот курс или воопшто да го завршат курсот. Нашиот капацитет како непрофесионална волонтерска организација не ни дозволува соодветно да се грижиме за луѓе со ваква историја. Иако випассана медитацијата е благотворна за повеќето луѓе, таа не е замена за медицинско или психијатриско лекување и не ја препорачуваме за луѓе со сериозни психијатриски нарушувања.

Кодекс на дисциплина

Основата на праксата е sīla – моралното однесување. Sīla обезбедува основа за развивањето на samādhi – сосредоточување на умот; додека прочистување на умот се постигнува преку paññā – мудроста на спознавањето.

Правилата

Сите што следат курс за випассана мора совесно да се придржуваат до следниве пет правила во текот на траењето на курсот:

  1. да се воздржат од убивање на кое било суштество,
  2. да се воздржат од крадење,
  3. да се воздржат од секаква сексуална активност,
  4. да се воздржат од кажување лаги,
  5. да се воздржат од секакви опојни средства.

Постојат уште три дополнителни правила коишто старите ученици (т.е. тие што завршиле курс со С. Н. Гоенка или со некој од неговите помошници учители) се очекува да ги следат:

  1. да се воздржуваат од јадење после пладне, 
  2. да се воздржуваат од сетилно уживање и телесно украсување,
  3. да се воздржуваат од користење високи или луксузни кревети.

Старите ученици ќе го почитуваат шестото правило со тоа што ќе се напијат само чај (без млеко) или овошен сок за време на одморот во 5 часот попладне, додека новите ученици може да се напијат чај со млеко и да земат малку овошје. Учителот може да ослободи стар ученик од почитување на шестото правило поради здравствени причини. Седмото и осмото правило ќе бидат почитувани од сите.

Прифаќање на учителот и техниката

Учениците треба да изјават дека по своја волја целосно и во текот на траењето на целиот курс ќе се придржуваат до водството и упатствата на учителот; тоа значи да ја почитуваат дисциплината и да медитираат токму онака како што бара учителот, без да занемарат ниту еден дел од упатствата, ниту да додадат нешто на нив. Ова прифаќање треба да биде со разум и разбирање, а не со слепо покорување. Само преку однос на доверба ученикот може да работи вредно и темелно. Таква доверба во учителот е суштинска за успех во медитацијата. 

Други техники, обреди и облици на поклонение

Во текот на курсот апсолутно е неопходно да се прекинат сите облици на молитва, поклонение или верски обреди – постење, горење миризливи стапчиња, броење со бројаници, рецитирање мантри, пеење и танцување итн. Сите други техники на медитација и исцелителни или духовни практики исто така треба да се одложат. Ова не е со цел да се осуди која и да е друга техника или практика, туку да ѝ се даде правична шанса на техниката випассана во нејзиниот чист облик.

На учениците им се дава сериозен совет дека намерното мешање на други техники на медитација со випассана ќе го попречи, па дури и уназади нивниот напредок. И покрај повторени предупредувања од учителот, имало случаи во минатото кога ученици намерно ја комбинирале оваа техника со обред или друга практика и себеси си направиле голема лоша услуга. Ако се појават какви било сомнежи или збунетост кај учениците, тие секогаш треба да се разјаснат преку средба со учителот.

Разговори со учителот

Учителот е достапен да се сретне со учениците насамо помеѓу 12 ч. напладне и 1:00 ч. попладне. Прашања може да се поставуваат и јавно помеѓу 9:00 и 9:30 навечер во салата за медитација. Времето за разговор и прашања е наменето за разјаснување на техниката и за прашања што се појавуваат во врска со вечерните беседи. 

Благороден молк

Сите ученици мора да одржуваат благороден молк од почетокот на курсот до утрото на последниот целосен ден. Благородниот молк значи молк на телото, говорот и умот. Секој облик на комуникација со другите ученици, без разлика дали се работи за гестови, јазик на знаци, пишани белешки итн. е забранет.

Учениците, сепак, може да разговараат со учителот секогаш кога е неопходно и може да се обратат на организаторите за какви било проблеми поврзани со храната, сместувањето, здравјето итн. Сепак, и овие контакти треба да се одржуваат на минимум. Учениците треба да го негуваат чувството дека работат во изолација.

Одвоеност на мажите и жените

Треба да се одржува целосна одвоеност на мажите и жените. Паровите, без разлика дали се во брак или не, не треба да контактираат меѓу себе на каков и да е начин во текот на курсот. Истото се однесува и на пријателите, членовите на истото семејство итн.

Физички контакт

Важно е во текот на целото траење на курсот учениците да избегнуваат секаков физички контакт со другите од истиот или спротивниот пол.

Јога и физички вежби

Иако физичката јога и други вежби се компатибилни со випассана, тие треба да се одложат за време на курсот бидејќи соодветен издвоен простор не е достапен на локацијата на курсот. Џогирање исто така не е дозволено. Учениците може да се раздвижат во текот на периодите за одмор со пешачење во зоните означени за мажи, односно за жени.

Религиски предмети, бројаници, кристали, талисмани итн.

Вакви предмети не треба да се носат на курсот. Доколку се донесат ненамерно, треба да се одложат кај организаторите за времетраењето на курсот.

Опојни средства и дроги

Никакви дроги, алкохол или други опојни средства не смеат да се донесат на курсот; истото се однесува и на средства за смирување, апчиња за спиење, и сите останати седативи. Оние што земаат лекови пропишани од лекар треба да го известат учителот.

Цигари

Заради здравјето и удобноста на сите ученици, пушење, џвакање тутун и шмркање бурмут не е дозволено на курсот.

Храна

Не е возможно да се задоволат индивидуалните желби или барања на медитантите во однос на храната. Затоа, учениците љубезно се замолуваат да се задоволат со едноставните вегетаријански оброци што се обезбедуваат. Оргзнизаторите на курсот настојува да приготвува здраво и урамнотежено мени погодно за медитација, без да следи некоја определена философија на исхраната. Доколку некои ученици имаат пропишана посебна диета поради влошено здравје, треба да ги известат организаторите за време на аплицирањето. Постење не е дозволено.

Облека

Облеката треба да биде едноставна, скромна и удобна. Не треба да се носи тесна, проѕирна или на друг начин упадлива облека (како кратки пантолони, кратки здолништа, хулахопки и хеланки, оскудна или без ракави горна облека). Сончање и делумна голотија не се дозволени. Став на скромност треба да преовладува во секое време. Ова е важно за да се намали одвлекување на вниманието на другите.

Перење и капење

Машини за перење или сушење не се достапни, така што учениците треба да си донесат доволно облека. Мали работи може да се исперат на рака. Капењето и перењето смее да се вршат само во периодите на пауза, а не во текот на часовите определени за медитација.

Надворешни контакти

Учениците мора да останат во границите на просторот на курсот во текот на целото негово времетраење. Тие може да заминат само со специфична дозвола од учителот. Никаква надворешна комуникација не е дозволена пред целосно да заврши курсот. Тоа вклучува писма, телефонски повици и посетители. Мобилните телефони, пејџери и други електронски направи мора да се одложат кај органиаторите сè додека не заврши курсот. Во случај на итност, пријател или роднина може да ги контактираат организаторите.

Музика, читање и пишување

Свирење на музички инструменти, пуштање радио итн. не е дозволено. На курсот не треба да се носат никакви материјали за читање или за пишување. Учениците не треба да се расејуваат со фаќање белешки. Ограничувањето на читањето и пишувањето е со цел да се нагласи строго практичната природа на оваа медитација.

Диктафони и камери

Овие направи не смее да се користат освен со изречна дозвола од учителот.

Финансирање на курсот

Во согласност со традицијата на изворната випассана, курсевите се спроведуваат исклучиво врз основа на донации. Донации се прифаќаат единствено од оние што завршиле барем еден десетдневен курс со С. Н. Гоенка или некој од неговите учители помошници. Тие што го следат курсот за прв пат може да дадат донација на последниот ден од курсот или во секое време потоа.

На овој начин, курсевите се поддржани од оние што самите ги осознале благодетите од праксата. Сакајќи да ги сподели овие благодети со други, лицето дава донација според своите можности и волја.

Ваквите донации се единствениот извор на финансирање за курсевите во оваа традиција ширум светот. Не постои богата фондација или индивидуа што ги спонзорира. Ниту учителите ниту организаторите не добиваат каков и да е надомест за својата служба. Така, распространувањето на випассана се врши со чиста намера, без каква и да е комерцијална димензија.

Без разлика дали донацијата е голема или мала, треба да се даде со желба да им се помогне на други: „Курсот што го следев јас бил платен благодарение на великодушноста на претходни ученици; затоа сега јас ќе дадам нешто за да се покријат трошоците за некој иден курс, за да може и други да имаат полза од оваа техника.“

Резиме

Со цел да се разјасни духот на дисциплината и правилата, тие може да се резимираат на следниов начин:

Грижи се со големо внимание твоите постапки да не вознемируваат никого. Не обрнувај внимание на работи што го одвлекуваат вниманието предизвикани од другите.

Можно е некој ученик да не може да ги разбере практичните причини за некое или за повеќе од горните правила. Наместо да дозволи да се развијат негативност и сомнеж, треба што поскоро да побара разјаснување од учителот.

Само преку дисциплиниран пристап и максимален напор ученикот може во целост да ја сфати праксата и да има полза од неа. Во текот на курсот нагласокот е ставен на работењето. Златното правило е ученикот да медитира како да е сам, со умот свртен навнатре, игнорирајќи ги неудопствата и одвлекувањата на вниманието на коишто може да наиде.

Најпосле, учениците треба да имаат на ум дека нивниот напредок во випассана зависи исклучиво од нивните сопствени добри квалитети и личен развој, како и од пет фактори: ревносен напор, доверба, искреност, здравје и мудрост.

Информациите дадени погоре нека ви помогнат да постигнете најголема благодет од вашиот курс за медитација. Среќни сме што ја имаме можноста да служиме и ви посакуваме мир и хармонија од вашето искуство на випассана.

Нека горниве информации ви помогнат да добиете максимални придобивки од курсот. Ви посакуваме мир и хармонија од Вашето искуство на випассана.

Сите битија нека бидат среќни!

Распоред

Следниов распоред за курсот е осмислен да го одржи континуитетот на праксата. За најдобри резултати учениците се советуваат да го следат колку што е можно подоследно.

4:00Утрински гонг за будење
4:30 — 6:30Медитирајте во салата или во својата соба
6:30 — 8:00Пауза за појадок
8:00 — 9:00Групна медитација во салата
9:00 — 11:00Медитирајте во салата или во својата соба според упатствата на учителот
11:00 — 12:00Пауза за ручек
12:00 — 13:00Одмор, разговори со учителот
13:00 — 14:30Медитирајте во салата или во својата соба
14:30 — 15:30Групна медитација во салата
15:30 — 17:00Медитирајте во салата или во својата соба според упатствата на учителот
17:00 — 18:00Пауза за чај
18:00 — 19:00Групна медитација во салата
19:00 — 20:15Предавање на учителот во салата
20:15 — 21:00Групна медитација во салата
21:00 — 21:30Време за прашања во салата
21:30Повлечете се во својата соба; гаснење на светлата